Валентина Михајловска – осигурителен брокер во Чаир е веќе 30 години дел од семејството на АМСМ. 

Таа не почасти со убава мисла и уште поубави совети.

Ти благодариме Вале.

 

1.Моментално си на работна позиција осигурителен брокер во АМСМ Чаир. Која е твојата прва работна позиција во куќава? Раскажи…

Пред да ви одговорам на прашањата,би сакала да ви се заблагодарам за можноста за ова интервју и за можноста да го раскажам мојот работен век во АМСМ. Прво да се претставам, бидејќи има многу млади колеги од другите служби кои не ме познаваат. Јас сум Валентина Михајловска, осигурителен брокер во Амсм-Чаир. Во Амсм имам договор на неопределено време од мај 1994год. Дојдов преку тогашната студентска организација чија дејност помеѓу другото беше и помагање на студентите во пронаоѓањето на привремена работа и подобрување на нивниот студентски стандард.Така јас почнав да работам за привремено во АМСМ и останав до ден денес. Ден по ден, година по година поминаа 30 години ефективна работа и за некоја година се надевам и на пензионирање. Почетоците беа како и кај секој млад човек ентузијастички и со голем елан за работа. Си ја сакав работата, си ја сакав фирмата и сеуште сум на ставот дека сите ние вработените што сме во директен контакт со странките или клиентите сме лицето на фирмата и можеме многу да придонесеме за нивното задоволство да се одржува во континуитет низ годините. Инаку, целиот работен век ми е во службата за технички преглед, прво како референт за регистрација на моторни возила,потоа референт во службата на АМСМ-МТВ и сега последните 10 години осигурителен брокер во Амсм Чаир.

2.Што е она што најмногу те исполнува во однос на работењето сега и некогаш?

На вашето второ прашање во однос на работењето сега и некогаш би ви одговорила дека јас кога почнав да работам во АМСМ имаше само три станици за технички преглед и секако има разлика во однос на работењето тогаш и сега, во однос на самата организација на работата како резултат на развојот на техниката и на самиот обем на работа. Што се однесува до задоволството би рекла дека на работата секогаш треба да и се пристапува со голема одговорност и со желба да биде точно сработено на задоволство на нас самите и на нашите претпоставени. Нема мала и голема работа, битна и небитна работа и слични компарации, се што ни е во опис на работното место треба да се сработи професионално. Со текот на годините ентузијазмот може да се намали, но професионалноста мора да остане до самиот крај.

3.Што најмногу ти помага во успехот, што би издвоила како најбитен предуслов за да се биде успешен?

Секој кој професионално си ја извршува својата работна задача,се посветува на тоа што го работи, не се жали, се дава себеси, се труди, соработува со колегите,помага кога е во можност… неможе, а да биде неуспешен. Со вложување на труд доваѓа и успехот. Успехот може и различно да се толкува, за некого успех е квантитетот во работата,а за некого квалитетот во истата но најбитен предуслов е посветеноста и љубовта. Бидејќи конкретно зборувам за мојата работа, а таа е комуникативна,динамична, интерактивна во осумчасовна интеракција со клиентите и ведриот дух на вработените придонесува за успех во работата,бидејќи во позитивна атмосфера и со позитивни луѓе е попријатно за работа. Нели!!!

4.Која е твоја највпечатлива година во АМСМ во однос на успехот и останато?

Во текот на 30 години работа имало и подеми и падови како и со се во животот. Генерално сум задоволна, но ако треба да издвојам некоја година, тогаш ќе кажам дека бев многу среќна кога добив решение на неопределено време во моите почетоци, бидејќи пред решението имам и години на работа кои не се опфатени во мојот стаж, па така после 2-3години работа преку студентската организација добив решение за неопределено време во една реномирана фирма па нека биде таа година како одговор на вашето прашање. Во секој случај многу повеќе се успешни,весели, работни и впечатливи години од секој аспект за разлика од оние другите.

5.Присети се на една анегдота која сеуште ја раскажуваш…

Кога се анегтотите во прашање ги има многу, но јас наместо анегдота би ви кажала едно мото кое е мое мото во животот, а тоа е една стара кинеска поговорка која вели: Патот од илјада миљи започнува со првиот чекор.

Исто и на крај би им порачала на сите колеги да си останат верни на професијата, но да го задржат и она човечкото.

 

 

Click outside to hide the compare bar
Спореди
Споредба ×
Спореди Continue shopping