Даниела Ристовска 30 години во системот на АМСМ…
Според неа успехот во работата зависи од посветеноста, континуираното учење и способноста за прилагодување на промените.
Ти благодариме Даниела..
Моментално си на работна позиција Административен референт во Станицата за Техички Преглед во АМСМ Центар. Која е твојата прва работна позиција во куќава? Раскажи…
Мојата прва работна позиција во АМСМ ја започнав во туринг службата каде што се издаваа меѓународни документи во мај 1995 година, бев опкружена со одлични и професионални колеги кои во моите рани почетоци беа огромна поддршка и од голема помош за моите нови работни задачи.
Што е она што најмногу те исполнува во однос на работењето сега и некогаш?
Она што најмногу ме исполнува сега и во текот на сите овие години е чувството на припадност и важност што го имам како дел од компанијата. Секогаш ме мотивирало тоа што мојата работа носи конкретни резултати. Денес, исто како и некогаш, најмногу ме исполнува можноста за учење, напредување, и фактот што со својот труд можам да направам позитивна разлика. Горда сум што растев заедно со компанијата и што успеав да се прилагодувам и придонесувам во различни фази на нејзиниот развој.
Што најмногу ти помага во успехот, што би издвоила како најбитен предуслов за да се биде успешен?
Во мојот професионален развој, најмногу ми помогнаа посветеноста, континуираното учење и способноста за прилагодување на промените. Како најбитен предуслов за успех би го издвоила проактивниот пристап кон работата преземање иницијатива, одговорност и стремеж кон постојано унапредување на личните и професионалните компетенции. Верувам дека успехот бара комбинација од дисциплина, тимска работа и визија за долгорочен напредок.
Која е твоја највпечатлива година во АМСМ во однос на успех и останато?
Највпечатлива година во мојата кариера во АМСМ беше 2021 година кога ми беше доделена наградата за “Вработен на годината„ со што ми даде голема мотивација и поттик да продолжам со полна пареа да напредувам во мојата долгогодишна кариера.
Присети се на една анегдота која се уште ја раскажуваш…
Кога започнав да работам на шалтер во АМСМ, првата недела не можев да се навикнам на редовните прашања. На пример, еден клиент ме праша: “Колку долго ќе трае чекањето?” Одговорив: “Не знам, ама ќе биде кратко… ако седите тука со нас!” Се насмеавме сите, а тој ми рече: “Ако така продолжиш, чекањето ќе помине побрзо .” Во текот на овие 30 години, научив дека сè не е само во решавањето на проблемите, туку и во тоа како да направиш да се чувствуваат луѓето. Понекогаш една насмевка или добра шега е доволна за да направиш нечиј ден подобар.