EuroNcap

EuroNCAP воведе рангирање на возилата според нивната безбедност за пешаци

АМСМ како ексклузивен партнер на EuroNCAP (Европската Програма за Оценување на Новопроизведените возила) за Македонија, ви ги пренесува најновите информации за EuroNCAP двојното тестирање на безбедноста на новите модели на автомобили.

Toyota Prius е првиот автомобил кој беше подложен на најновото тестирање на EuroNCAP кое се однесува на технологијата за самостојно сопирање за пешаци (АЕВ). Вклучувајќи го овој тест во безбедносното рангирање на возилата, EuroNCAP ја охрабрува употребата на најновата технологија за избегнување на сообраќајни незгоди кај новите модели на автомобили. Притоа Suzuki Baleno е првиот автомобил кој беше подложен на двојно рангирање.

Последната генерација на технологијата за самостојно сопирање не само што е во можност пред себе да идентификува возила, туку е во можност да детектира и ситуации во кои пешаците се во опасност. Со самостојното запирање на автомобилот, системот помага да се избегнат или ублажат последиците од евентуални сообраќајни незгоди.

При тестирањето на Toyota Prius, стандардната опрема „Toyota Safety Sense“ ефикасно ги идентификуваше потенцијалните сообраќајни незгоди за пешаците и возилата и му помогна во освојување на 5 ѕвездички на првото вакво тестирање.



На тестирањето, Suzuki Baleno доби 3 ѕвездички за стандардната безбедносна опрема. Возилото нуди опционален безбедносен пакет „Radar Brake Support“, кој вклучува AEB City и AEB Inter-Urban систем. Со овој пакет, Baleno освои 4 ѕвездички и е првото возило подложено на EuroNCAP двојното тестирање.



Од оваа година EuroNCAP воведе рангирање на основа на две ѕвезди за едно возило: вообичаеното, основно рангирање произлегува од опременоста на возилото со безбедносна опрема, и вториот вид на рангирање кое може да се направи на барање на производителот, се однесува на опременоста на возилото со „безбедносен пакет“, кој е достапен во сите варијанти, но може да се продава како стандардна или дополнителна опрема. Ваквото двојно рангирање им овозможува на потрошувачите да ги разберат безбедносните придобивки кои со себе ги носи опремата за избегнување на сообраќајни незгоди.

„Вклучувањето на АЕВ технологијата во рангирањето на новите возила е пресвртница во развојот на безбедноста на автомобилите која ќе помогне во поширока примена на технологијата за избегнување на сообраќајни незгоди во сите сегменти на пазарот. Во исто време, предизвикот на потрошувачите да им се обезбедат точни и јасни информации за најновите системи и нивните предности е сѐ поголем. Двојното рангирање ќе го направи изборот на најбезбедно возило многу поедноставен.“-изјави др. Michiel van Ratingen, Генерален Секретар на EuroNCAP 



На 22 јуни, три нови модели на автомобили, лансирани од европските производители, беа независно тестирани од страна на EuroNCAP. Alfa Romeo Giulia, SEAT Ateca и VW Tiguan добија 5 ѕвезди за безбедносната опрема која е стандардна во Европската Унија. Резултатите од тестирањето можете да ги видите подолу.