Општествена одговорност

Натпревар за спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни незгоди 2014

На 19.05.2014 година, во организација на повеќе владини и невладини институции и компании, како АМСМ, Дирекција за заштита и спасување, Toyota Fund for Europe, ЗЕЛС, Операција Флоријан-невладина организација од Велика Британија, Vimpex, Црвен Крст и Републички Совет за Безбедност на Сообраќајот на Патиштата, беше одржан првиот „Натпревар за спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни незгоди”.

Со ова, натпревар од ваков тип се организираше за првпат не само во Р.Македонија, туку и во регионот,  а имаше за цел да ги зголеми вештините на пожарникарите за брзо, ефикасно и навремено спасување и извлекување на жртви настрадани во тешки сообраќајни незгоди. Целта на натпреварот беше на едно место да се соберат тимови за спасување составени од професионални пожарникари со цел демонстрација и надградба на нивните способности во овој дел. 

На првиот државен натпревар кој се одржа на паркингот на СЦ „Борис Трајковски“ со официјален почеток во 12:30ч., 8 (осум) тимови од планските региони во Република Македонија (североисточен, пелагониски, југозападен, источен, полошки, југоисточен вардарски и се разбира од скопскиот регион) се натпреваруваа во спасување и извлекување на жртви во различни сценарија на сообраќајни незгоди. 

Сценаријата вклучуваа сообраќајни незгоди со возило на тркала, возило превртено на страна и возило превртено на покрив и истите беа непознати за натпреварувачите се' до самиот натпревар. Во сите сценарија беа вклучени живи играчи на улога – повредени/заглавени во возилото, кои беа медицински обучени и соодветно опремени и имаа клучна улога во формирањето на оценката за тимот во делот на „пред-болничката нега“ со повредениот.

На работната точка имаше и други возила и дополнителни реквизити кои придонесоа за што е можно пореалистично сценарио. 

Во текот на вежбите, противпожарникарите, учесници на натпреварот беа строго оценувани од меѓународни судии во следниве аспекти:

- Командување и контрола со инцидентот
- Практично спасување и техники
- Пред-болничка нега т.е медицински аспекти

Тимовите имаа на располагање дваесет минути да ја завршат работата од предвиденото сценарио на работната точка. Секој тим по истекот на времето, веднаш беше брифиран за постапувањето по сценариото од страна на судиите, а добиените оцени беа доставени на увид за нивна интерна употреба.

Акцентот на натпреварот беше развој и промоција на „Најдобрите безбедносни практики“ на пожарникарите при спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни незгоди. Најуспешните тимови покажаа познавања на современите тактики на извлекување од сообраќајни незгоди и креативност преку користење на нови иновативни методи.

Суштината на натпреварот не е само да се победи туку истиот да биде платформа за учење и постојано унапредување на способностите на пожарникарите во нудење на квалитетни услуги на граѓаните. Во иднина се очекува натпреварот да претставува форум и место за собирање на сите пожарникари и служби за спасување од целата држава.